Историја на библиотеката

PDFПечатиЕ-пошта

Националната установа - Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” - Битола е составена од два функционално поврзани објекти кои претставуват една целина.

Составена е од стар дел изграден на КП бр.7769/1, која зграда е одредена за споменик на култура со Решение бр. 266 од 30.03.1978 година од Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и музеј Битола и влегува во состав на зона „А” од заштитеното градско јадро, како и во состав на амбиенталната целина на улица Ленинова. За новиот дел од зградата, со Спогодба за давање на корис-тење градежно земјиште бр.12-5996 од 18.11.1981 година, Општина Битола на Матичната библиотека и дава на користење земјиште што претставува дел од КП.бр.7769/1 со површина од 2105 м2 КО Битола, за доградување на библиотека.

Со добивањето на целата потребна документација за градба на новиот објект и по одобрениот проект од 02.09.1983 година, се изгради новиот дел на Библиотеката кои денес заедно со стариот објект претставуваат неразделна целина.

Библиотеката е основана на 25.03.1945 година со решение на Градскиот народен одбор со името: Градска народна библиотека во Битола.

Библиотеката промени повеќе простории. Беше сместувана по овој ред:

  • во просториите на поранешниот хотел „Турист”, наспроти денешниот Центар за култура;
  • во зградата на О.У „Климент Охридски”, денешно ОУ „Гоце Делчев”;
  • во просториите на поранешниот ресторан „Ројал”, на улица Маршал Тито бр. 80;
  • во зградата на поранешниот Пионерски дом (до 1954);
  • во зградата на ул. Маршал Тито бр. 89 (1954 - 1974);
  • од 1974 година во зградата на адаптираното хирушко одделение на старата битолска болница и
  • од 1982 Библиотеката се проширува во новоизградениот современо обликуван простор кој се наоѓа на ул. Ленинова бр. 39.

Од своето основање па до денес Библиотеката претрпе повеќе статусни промени во своето работење и промена на името под кое таа функционирала:

  • Градска народна библиотека - Битола (1945 - 1947);
  • Дом на културата (1947 - 1952);
  • Градска библиотека (1952 - 1960);
  • Матична библиотека (1960 - 1964);
  • Матична библиотека „Климент Охридски” - Битола (1964 - 1980);
  • Матична и универзитетска библиотека „Климент Охридски” - Битола (1980 - 1995);
  • Матична и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски” - Битола (1995 - 2004) и
  • Национална установа - Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” - Битола (од 2004 г. до денес).

Националната установа - Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” - Битола е современа културна институција со книжен фонд од околу 600.000 книги и бројни списанија, со тенденција за перманентно зголемување.

Денес Библиотеката се стреми да стане вистинска виртуелна библиотека, да навлезе во сè повисокиот степен на задоволување на научно-истражувачките и образовните потреби на крајниот корисник, без тој да се грижи од каде и како пристигнала бараната информација, што е возможно само со натамошен развој на современото автоматизирано библиотечно работење.

Програмата на Националната установа - Универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“ - Битола се темели на реални и остварливи параметри.

 

Сподели на Facebook