„Покер во Вилнус“ - Ричардс Гавелис

PDFПечатиЕ-пошта

( 0 Гласа )

Витаутас Варгалис е заглавен во апсурдна професија, помага да се создаде дигитален каталог за библиотеката во Вилнус под советска власт, до кој никој нема пристап. Лежел во камп за превоспитување на ГУЛАГ, искуство кое го повредило физички но и ментално. Неговата, своевремено брилијантна, иднина била уништена во камповите, и сега е гневен и бесен поради неуспесите на својата држава. Варгалис е опседнат да открие „што навистина се случува“ во Литванија во 70-тите. Како што неговиот слаб допир со реалноста полека му се лизнува од раце, открива дека Тие презеле сè.
Но, кои всушност се Тие?
Дали се демони со безживотни очи што презеле облик на луѓе?
Дали Тие се решени да ја украдат сечија душа и да го претворат светот во пекол?
Дали Тие се насекаде?
Дали Тие ќе ме победат и Мене?
Варгалис почнува да наоѓа докази околу Нивното присуство каде и да се сврти: во смртта на неговиот најдобар пријател, во книгите, во гулабите, во убавите жени од библиотеката. Една од нив е Лолита, прекрасна заводничка со загадочно минато и со сè поголема наклонетост кон Варгалис.
Покер во Вилнус е хроника на трагичната врска меѓу Варгалис и Лолита – и меѓу Вилнус и сите што престојуваат во градот. Раскажан од четири различни перспективи, романот го доловува надреалниот ужас на опстојувањето под советскиот јарем.
Наизменично лиричен, философски, психолошки брилијантен и длабоко шокантен, романот се чита како бескрајно игрива џез-партитура. Онака како што нежните и брутални елементи истовремено се соочуваат во приказната, така романот е наизменично поетичен и суров.
Во првите неколку страници, Варгалис се навраќа на една од тортурите на кои бил изложен, изведена од садистички Литванец во служба на Русите. Литванецот прво го удира по стапалата, потоа се префрла на другите делови од телото, а на крај, како што тортурата кулминира, принесува бренер до пенисот на Варгалис. Тоа толку го возбудува џелатот, што мастурбира на лицето на Варгалис. Тука политичката немоќ се претвора во сексуална моќ со деградација која преоѓа од угнетувачот врз угнетениот, и ја открива идејата на Гавелис за Литванија во која само моќта, не логиката или разумот, има своја вредност.
Романот е крајно актуелен, бидејќи онака како што Литванија била јаболко на раздорот меѓу Полска, Германија, Русија, така може да се најде сличност и помеѓу Македонија и односот што во минатото го имале кон неа државите наоколу.

Во 1989 година, кога беше објавен Покер во Вилнус, беше пречекан како сензација. Прекрасната метафора против сталинистичкиот режим ја нарекуваат „пресвртница во литванската книжевност“.

Сподели на Facebook