Нишан

PDFПечатиЕ-пошта

( 0 Гласа )

„Нишан ти чинам Деспино,
да не ме заборавиш;
поминаа три години,
ти ме заборави...“
Македонска народна песна
Двајца снајперисти припадници на две спротивставени страни... Таа и тој. Тој ја забележува низ оптичкиот нишан на своето оружје и сфаќа дека таа прва него го видела. Таа прво го држела на нишан, но зошто не го убила? Кога завршува мистериозното прашање, започнува телепатското општење меѓу маж и жена. Венко Андоновски, кој го има напишано поговорот на книгата, прави прецизна споредба кога вели дека романот е налик на „Илјада и една ноќ“, но во обратен правец.
Тука мажот е Шехерезад кој раскажува приказни во еден безвременски простор во кој сѐ се испреплетува. А таа на чуден начин сѐ слуша, сѐ разбира. Ги чита преку очите неговите мисли. Таа ќе биде наречена Дорунтина по прекрасната и потресна легенда за вистинската љубов и послушност. Дорунтина во народните кажувања била убава девојка со руси коси, исто како и снајперистката, која имала девет браќа.
Сите освен најмалиот Константин не се согласиле да ја дадат на мажење преку „девет гробишта и девет планини“. Константин ѝ ветува на својата мајка дека ќе ја донесе нејзината ќерка секогаш кога таа ќе посака да ја види. Кога Константин умира, тој мртов ја исполнува желбата на својата мајка односно мртов го исполнува ветениот збор.
„Ќе те викам Дорунтина, реков, а ти затрепка со левото око; очигледно многу ти се допаѓа името. Знаев дека ќе ти се допадне.“
За крај еден пасус од поговорот на Венко Андоновски. „„Нишан“ е роман со највисоки уметнички вредности. Тоа е роман што се прима во една емисија како и светлината. Тоа е дело на вешт мајстор на зборот, очигледно богато надарен и со инпирација и со она што, во недостиг на подобар термин го именуваме како - занает. Двете пак заедно прават-постмодерна магија.“
Уште еден пасус од поговорот на М.Маџурков. „Основната рамка на композицијата на романот е укинувањето на времето: сведеноста на главното дејство на мигови значи дека на минатото и сегашноста не постојат, тие се однапред ставени меѓу двве наративни плочи кои само што не налегнале една врз друга како гроб. Сјаен роман во кој на мајсторски начин се поклопува минатото со сегашноста, но и сегашноста со минатото, па затоа никој всушност не знае во кое време живее, односно во кое време всушност живееме.“


Сподели на Facebook