Спасување

PDFПечатиЕ-пошта

( 2 Гласа )

Уште едно преубаво и емотивно дело од извонредниот Николас Спаркс. „Спасување“ е една интересна приказна која ќе нѝ покаже како може повторно да се почне да се верува и што значи жртвата на една мајка за своето дете.
Дениз Хилтон е млада жена која е самохрана мајка на едно убаво четиригодишно момченце - Кајл. Но Кајл не е како неговите врсници - тој има проблеми со говорот и неговото говорно изразување е едвај на ниво на двегодишно дете. Дениз е загрижена поради овој проблем на нејзиниот син и за да може да му се посвети целосно таа ја напушта својата работа како наставничка и започнува да работи како келнерка ноќно време во малото гратче Едентен.

Но еден ден додека Дениз и Кајл се враќаат од посета на специјалист за проблемот на Кајл, по патот неочекувано ги зафаќа страшна бура. За работите да бидат уште полоши пред Дениз на патот се појавува елен, таа обидувајќи се да го избегне излетува од патот и тие доживуваат страшна несреќа.
Превртениот автомобил го пронаоѓа пожарникарот волонтер - Тејлор Мекаден. Дениз е повредена, но кога доаѓа при себе сфаќа една страшна вистина - Кајл го нема, исчезнал за време на несреќата. Дениз е очајна, но Тејлор ѝ ветува дека ќе го пронајде нејзиниот син. По неколку часа Кајл е спасен и тоа благодарение на Тејлор. Од тогаш тие двајца се зближуваат, но Дениз чувствува дека Тејлор во себе чува тајна за која не разговара со никого и која полека започнува да ја уништува нивната врска.
Што е тоа што го измачува Тејлор, поради кое тој не може да верува во себе и во луѓето околу него? Тоа ќе мора да го откриете сами читајќи го ова дело.
Николас Спаркс во оваа книга уште еднаш ќе нѝ покаже дека љубовта е една од најважните работи во светот и дека да се сака некого и притоа таа љубов да нѝ биде возвратена, е најскапоценото нешто во нашиот живот.

 

Сподели на Facebook