Прокоба

PDFПечатиЕ-пошта

( 3 Гласа )

Денеска објавуваме извадок од романот „Прокоба“ од Добре Тодоровски, издание на „Силсонс“
Чуден молк завладеа во домот на Никола и Воведа Магденоски. Димитрија, седнат во ќошот крај прозорецот, витка цигара меѓу прсти, нервозно ја гмечи, и гледа надолу како да е сам во собата. Татко му шмрка од кафето и кажува некои нејасни зборови. Димитрија ненадејно ја крена главата и погледна кон вратата што се отвори и на која се појави мајка му, а зад неа Магда. Мајка му ги крие рацете под скутина и виновно влегува внатре. Магда гледа в земи, очите и' играат, како да бара изгубена мониста од подгушаре. Гологлава е, а косата неначешлана. Нервозно ги тутка рацете една во друга. Се треси од растревоженост.
- Седнете - заповеда тивко Никола.
Седнаа без збор. Кратко молчеа.
- Ти, девојко, можиш да се вратиш кај твојте, ако сакаш - вели Никола и гледа во неа. - Никој не сакаше вака, образот да ни се извалка... Најмалку јас. Оди си, како ништо да не било, никој нема ништо да разбери...
Сите молчат. Димитрија трга од цигарата и потплукнува на подот. Се врти кон татко му, а нервозата му се гледа на лицето.
- Јас сум крив, вели, јас не требаше да го послушам како постар. Требаше да прашам и да видам која ет. Жими виделото, ако знаев дека е Магда, немаше да влезам в соба. Мислев дека е некоја друга. Некоја што се сложила на живот со мене.
- Ти да молчиш! - го прекина татко му.
Додека Магда го слушаше Димитрија, ги стега и ги гризе усните. Не и' се верува во она што го слуша.
- Мене Сидор...
- Не спомнувај го тој пес песосан! - подвика Никола... За него ни помена во оваа куќа. - Друго те прашувам... Ако сакаш да останиш, ќе останиш за Димитрија, ако не, не ти браниме да си заминиш.

Сподели на Facebook