Љубов и приврзување

PDFПечатиЕ-пошта

( 1 Глас )

Болката никогаш не може да се надмине, само научуваш да живееш со неа. Но, времето лекува сѐ. Животот никогаш не нѐ става пред искушенија што не можеме да ги надминеме и кога една врата се затвора, друга се отвора!
Едно сосема случајно ветување на Хариет го менува целиот нејзин живот! Таа на 32 години станува законски старател на децата на сестра ѝ Фелисити, која загинува во сообраќајна несреќа заедно со нејзиниот сопруг Џеф. Наивното ветување на Хариет кон сестра си дека ќе се грижи за децата ако нешто ѝ се случи нејзе, само за да ја задоволи Фелисити, ја претвора Хариет во старател на Кари и Џоел! За неа може да се каже дека е сѐ само не родителски настроена.
Колку би сакала таа никогаш да не се случеше несреќата за да не ја наследи големата одговорност, но највеќе да не мора да го исполнува даденото ветување! Но сепак ветување си е ветување, иако таа мисли дека е комплетно несоодветна и неспособна да се грижи за децата. Однапред смислениот план - додека таа работи за децата да се грижат нејзините родители, бабата и дедото на Кари и Џоел, а таа да ги зема за време на викендите не трае долго поради болеста на мајка ѝ која страда од синдром на хроничен замор. Затоа таа го прави единственото што се очекува од неа и се откажува од работата како компјутерски програмер, затоа што е далеку од нејзините родители, го продава нејзиниот стан и се сели кај нив. Одлучна е да остави сѐ и да им помага на родителите бидејќи е очигледно дека тие самите веќе не можат.
Дури по разделбата со Спенсер Хариет сфаќа дека ја губи врската со последното нешто што ја потсетува на нејзиниот поранешен живот и болката навистина се вгнездува во нејзиното срце.Деновите на независна и безгрижна жена официјално се завршени и го отстапуваат местото на родителството - предизвик за кој таа мисли дека сѐ уште не е подготвена!
Хариет и Фелисити уште како деца биле многу приврзани и многу блиски затоа и смртта на Фелисити многу ја боли, како и помислата дека таа отсега па натаму ќе треба да им биде потпора на децата кои изгубиле сѐ во животот! Не е сигурна дали воопшто ќе успее во тоа. Во таквите моменти најмногу ѝ недостасува сестра ѝ бидејќи таа била единствената личност со која Хариет можела да разговара. Но сепак мислата како сестра ѝ можела да помисли дека таа, Хариет, ќе може да се грижи за нејзините деца сѐ повеќе ја измачува, најмногу поради недостатокот на мајчинскиот инстинкт.
Доселувањето на Вилијам Харт во соседството ќе го придвижи животот на Хариет, посебно околу децата. Тој е разведен 46 годишен трговец со антиквитети, кој кризата на средните години ја доживеал кога бил успешен адвокат. Не успеал да го издржи преголемиот притисок во работата, па затоа остава сѐ, па дури и премногу амбициозната негова сопруга - Максин и го започнува бизнисот со антиквитети.
Во еден момент на слабост и сосема случајно, Хариет доаѓа до неверојатно откритие кое ќе ја поколеба нејзината големата верба во Фелисити. Дали таа воопшто ја познавала својата сестра како што си мисли? Дали не си замислувала дека тие двете се многу блиски, речиси неразделни? И најболното од сите прашања - зошто Фелисити ништо не ѝ кажала ниту пак ѝ се доверила?
Прекрасна семејна прикзна за љубовта и несебичноста на човечкото срце која веднаш ќе ве обземе и нема да можете да ја оставите сѐ додека не ја откриете големата тајна на Фелисити, сокриена дури и од нејзината сестра Хариет.



Сподели на Facebook