Мајката на оризот

PDFПечатиЕ-пошта

( 1 Глас )

Мајката на оризот е реткост меѓу наративните приказни. Со чудесна фантазија читателот ќе го пренесе во едно друго време, на друго место, во безмилосен свет на егзотична убавина, каде ситните животни задоволства мораат да ги надополнат незамисливите ужаси..
Мајчината љубов не признава закони, ниту граници, ниту пак се поклонува пред каков и да е господар освен пред себеси!
Лакшми е израсната со приказните на мајка ѝ, приказните од едни посреќни времиња кога мајка ѝ живеела во богатство и љубов, сѐ додека таа будалесто не го напушта сето тоа за тајно да се омажи со еден неранимајко, коцкар и пијаница. Затоа Лакшми не знае ништо за таквиот живот освен за тој во кој израснува, исполнет со лаги и сиромаштија, но сепак полн со љубов. Во ниту еден момент од нејзиното детство не ѝ недостигала љубовта од мајка ѝ.
Во тоа безгрижно време девојчињата, за разлика од момчињата, не оделе на училиште, но мајка ѝ ја учи да чита, пишува и смета. За да не ја направи Лакшми истата грешка како неа, мајка ѝ ја мажи за постар човек, вдовец со две дечиња, но мошне богат.
На денот на нејзината венчавка сите илузии за прекрасен младоженец и среќениот брак во кој ќе влезе се распрснуваат со првиот поглед кон младоженецот – воопшто непривлечен па дури и грд човек. Како тоа да не е доволно Лакшми ќе треба да живее далеку од мајка си, жената која многу ја сака, во место кое во нејзините сѐ уште детски очи многу се разликува од селото во кое таа го поминува детството.
Како прво улиците не се поплочени со злато како што ѝ кажувала мајка ѝ туку се покриени со прав, развревени и полни со арапски трговци, Кинези, Европејци и домородното население. Но сепак наивно верува дека ова е почеток на нејзиниот нов живот исполнет со богатство. Второто разочарување набргу ја стигнува кога дознава дека таа и мајка ѝ се измамени. Нејзиниот сопруг воопшто не е богат, како што се претставувал. Наеднаш Лакшми се наоѓа во туѓа земја, сосем сама, со човек кој не е она што се претставувал.
Предизвикот дека сепак таа може да направи нешто од ништо ја возбудува и Лакшми останува за да биде господарка на дрвената куќарка. Таа е оската која го врти ѝ одржува семејството, таа и нејзината силна волја. Но дали нејзината преокупираност во одржувањето на семејството нема да ја лиши од најважното чувство за неа – љубовта?
Едно случајно претскажување на нејзината судбина ќе ѝ го промени животот и нејзините соништа ќе ги расее: ќе има многу деца, но среќа никогаш, да се чува од нејзиниот најстар син, како и тоа дека ќе ја искуси болката од загубата на дете.
По доаѓањето на свет на нејзините близнаци таа нема време да размислува за пророштвото и сосема го заборава бидејќи светот ѝ е исполнет со едно ново блаженство. Сѐ додека Јапонците не ја нападнат Малаја. Тогаш  нејзиниот живот од корен се менува. А дамнешното пророштво полека, полека почнува да се исполнува....
Со описот на еден од нејзините синови и јас целосно се согласувам. Лакшми е мајката на оризот! Чуварка на соништата! Таа седи на дрвениот престол (нејзината куќарка) и во своите силни раце ги држи соништата и надежите на нејзините деца! Годините нема да ја намалат нејзината моќ! Но само малку повеќе да ја покажувала нејзината љубов кон нив и кон нејзиниот сопруг можеби животот ќе изгледал поинаку
Нурнете и вие во светот на Лакшми па конечно да ја добиете целата слика за нејзиниот живот.



Сподели на Facebook