Пред да заспијам

PDFПечатиЕ-пошта

( 4 Гласа )

„Додека спијам, мојот ум ќе избрише буквално сѐ што правев денес. Утре ќе се разбудам исто како што се разбудив и денес. Мислејќи дека сѐ уште сум дете. Мислејќи дека сѐ уште имам цел живот на избори пред себе...“
Спомените се она што го дефинира човекот...
Па што ако ги губите своите секојпат кога ќе легнете да спиете? Вашето име, вашиот идентитет, вашето минато, дури и луѓето кои ги сакате - сите работи заборавени преку ноќ. И што ако единствената личност на која можете да се потпрете, единствената во која верувате ви кажува само половина од приказната? Добредојдовте во животот на Кристина.
Токму така, Кристина е жена на четириесет и нешто годишна возраст или поверојатно педесет, не ја запомнив самата бројка добро, но дефинитивно не е дете, ниту млада девојка како што мисли кога се буди покрај човекот кој не го познава. И секое утро се случува истото. Таа секое утро се буди мислејќи дека е девојка, само за да го најде своето веќе остарено збрчкано тело и непознатото лице кое ја дочекува во огледало, за да ја чуе приказната од туѓинецот кој се буди до неа. Да, вели тој, таа е Кристина, а тој е нејзиниот сопруг веќе долги години. Кристина имала несреќа уште пред многу години и веќе со години живее со ретката форма на амнезија која ги брише сите нејзини спомени кога ќе легне да спие.
Колку и да звучи неверојатно, нејзиниот живот е сведен на тоа. Целосно зависна од човекот со кој живее. Несвесна за работите во нејзиното минато. Како стигнала дотаму, што се случило, каква несреќа, која била претходно, каков живот имала... сите тие прашања значат нешто само доколку му верува на својот сопруг Бен. Проблемот лежи во тоа што Кристина го наоѓа својот таен дневник, дневник кој очигледно го пишува секој ден и за кој нејзиниот таен психијатар вели дека мора да продолжи да го пишува секој ден со надеж дека тоа ќе помогне во враќање на нејзините спомени. Конкретниот проблем е тоа што нејзиниот дневник започнува со зборовите НЕ МУ ВЕРУВАЈ НА БЕН!

Сподели на Facebook