И планините одекнаа

PDFПечатиЕ-пошта

( 2 Гласа )

Новиот роман на Халед Хосеини “И ПЛАНИНИТЕ ОДЕКНАА“ е незаборавна приказна за потрагата по она загубено делче кое секогаш го пронаоѓаме кај другите. Ова е навистина длабоко потресна приказна за тоа како љубиме, како се грижиме едни за други и како нашите одлуки одекнуваат низ поколенијата кои ги оставаме. После шест години пишување Халед Хосеини за најновиот роман изјави: “Моите претходни два романи во суштина се приказни за татковците и мајките. Мојот нов роман исто така е повеќегенерациска семејна приказна, меѓутоа, овој пат се занимава со браќата и сестрите, и начинот на кој тие љубат, повредуваат, почитуваат и се жртвуваат едни за други“Авторот продрира во ликовите, ги соголува нивните души, нивните мрачни мисли, тие не се едноставно прикажани и опишани, како што често среќаваме во некои книги, како праведни и секогаш морално исправени. Не, тој ни ја претставува вистинската човечка природа, нејзината себичност, стравовите кои ни го диктираат животот. Наместо да се бориме против нив дозволуваме да нѐ приковаат, да не ни дозволат да напредуваме. Како што вели Оделиа, луѓето мислат дека живеат како што сакаат, но реалноста е дека она што ги води во животот е она од што најмногу се плашат.

Абдула и неговата сестра Пари ги следиме од нивното детство, до нивната разделба, потоа приказната ја опфаќа нивната маќеа Парвана, нејзиното детство и нејзините трагедии, товарот и вината кои што таа ги носи... Добиваме поглед кон дејството понатаму низ очите на Наби, братот на Парвана кој е во голем дел виновен за разделбата на Абдула и Пари. Го следиме неговиот живот, неговите одлуки кои ги донесува за да се искупи за сè што направил и за сè што му лежи на совеста. Приказната нè носи натаму неосетно преминувајќи од лик до лик, ги следиме животите на Нила, на Тимур, Идрис, на малечката Роши на која очајно ѝ треба помош, но дали некој ќе успее да најде во срцето место за ова девојче со кое судбината толку сурово си поиграла?

Дали на крајот ќе го најдат својот мир, ќе се помират со своите донесени одлуки? Конечно ќе се обединат некои одамна изгубени души?

Иако на моменти може да биде збунувачки префрлањето на дејството од лик до лик, преминувањето од минатото во сегашноста, сепак Халед Хосеини тоа го изведува како ретко кој автор, едноставно приказната оживува со секое вртење на страницата, се вкоренува длабоко во нас и едноставно знаеме дека ликовите ќе ги носиме засекогаш во срцето.



Сподели на Facebook