Приказни од Мјаукедонија

PDFПечатиЕ-пошта

( 2 Гласа )

Драги мои хомо-сапиенси! - така Емилија би Ви се обратила, a ова се нејзините мемоари. Емилија, Еми, Ема, Ејми (како сакате) е иначе мачка, онаа мачка од бинго картичките. Запознајте ја Емилија Џамбазова – Бавчарска преку нејзините исповеди. Запознајте ја неа и нејзиниот живот меѓу хомо-сапиенсите. Живот на една провинцијалка во големиот град. Провинцијалка од “мојата населба”. Во наводници зашто не е „моја” и јас сум ви провинцијалка (за среќа или не). Една чудо од мачка, попаметна од многу хомо-сапиенси во нашата чудесна Мјаукедонија, таква Ви е Емилија. Сеедно дали ги сакате мачките или не, Еми ќе Ви се допадне. Прво, заради нејзината искреност. Второ, таа не е било чија мачка, па таа е мачката на познатиот мјаукедонски актер и водител Игор Џамбазов. Трето, таа е нешто како следбеник на претходниот миленик, другар и животен сопатник на нејзиниот сегашен сопственик (ако некој може Бошко да го замени). И четврто, но не и последно, Еми е првата мачка во светот и пошироко, која го издала својот дневник. За што, јас лично, страшно ѝ завидувам!
Емилија е навидум обична мачка која гледа телевизија на големиот мал екран и се дружи со пријателите на својот сопственик. Се заљубува, како и секоја нормална мачка. Ама обична и нормална е само навидум. Таа е една во милијарда, мачка што и говорот и азбуката ни ги разбира. Емилија е “во тек“ со сите важни општествени настани и случувања на нашата мила Мјаукедонија, па и надвор од неа. Од спорт и Евровизија до вести и фамозниот крај на светот. Што се вика- мачка со свои политички ставови, образована мачка. Ова е мјаукедонски дневник за фамозната и мистериозна 2012-та.
„Животот ни од далеку не е така едноставен, па работите не секогаш ќе се одвиваат според првичните предвидувања”. Еднаш се живее, и тоа девет пати! - ќе се потсети себе си Еми.
Едно е сам да се критикуваш, друго е некој да те критикува и трето е себе си преку очите на една мачка да се критикуваш, па и по некоја пофалба да си дадеш. Миленичка на својот сопственик, единствена која знае да го расположи и веројатно негова најголема и најреална критичарка. Всушност, не само негова туку на целиот мјаукедонски ,хомо-сапиенски род и неговите суптилни форми на опстанок. На Емилија како подобро од сите нас да ѝ е позната реалноста, за образованието, за вработувањето, мислам невработувањето, за тоа како нештата во нашата мила и мала Мјаукедонија функционираат.
„Владимир Илич - Ленин си го имал Мишка, и си го галел в скут додека давал интервју во Кремљ. Фреди Мерјкури ги имал Кити и Кети, неговите дебели ќерки, Курт Кобејн го имал лудиот Пиги, и го носел на сите свои турнеи, Џемс Дин го имал Маркус, подарок за роденден од Елизабет Тејлор...” А, Игор Џамбазов ја има Емилија Џамбазова - Бавчарска.
Браво бе Еми! Или за Игор е бравото!? Сепак за Игор. Има нешта што само некој од хомо-сапиенскиот род вистински ги почувствувал - „Солзи. Какво прекрасно уметничко дело на природата. Кристално-сребрена течност на душата, која излегува само и само преку очите.” Да, плачат и животните ама ова се човечки зборови, зборови на еден голем Мјаукедонец, на една жива легенда.
Приказни од Мјаукедонија - едно убаво и креативно спакувано мјаукедонско книгиче, една реалност спакувана во околу двесте странички и едно дело кое ќе Ви претставува задоволство да го прочитате.

Сподели на Facebook