Роденденски пораки

PDFПечатиЕ-пошта

( 1 Глас )

Она што оваа антологија на куси раскази, чиј уредник е во моментов  можеби најголемата светска книжевна ѕвезда, Харуки Мураками, ја прави различен роденденски подарок, е што секоја приказна ја покажува и онаа другата, мрачна страна на денот кој треба да ни припаѓа единствено на нас самите. Мураками направил избор од за него најдоброто од современиот светски расказ.
„Роденденски приказни“, избор и превод на Харуки Мураками е објавена 2002 во Јапонија, а веднаш потоа во Велика Британија и САД. На македонски излезе во издание на „ТРИ“ во 2009, во превод на Мирјана Буразер.
Во оваа роденденска антологија избрал тринаесет приказни од некои од најдобрите автори, објавувани и во престижни магазини како Њујоркер или Хаперс Базар, а во голем дел преведувач е токму Мураками. Приказните на Расел Бенкс, Денис Џонсон, Луис Робинсон, Андреа Ли, Даниел Лајонс, но и на Рејмонд Карвер и легендата на новата американска книжевност, Дејвид Фостер Валас, прават една целина, каде секое делче зборува за нечие роденденско искуство, секоја приказна е еден вид фотографија на животот во тој ден; евоцирање на спомените, но и преживување на неколку лични трагедии. Мураками кој ѝ припаѓа на „бејби бум“ генерацијата од крајот на четириесеттите, кој го минувал времето во американизираната Јапонија, слушајќи ги Дорс и Брус Спрингстин и читајќи го Џек Лондон, направил избор единствено за своите читатели, за оние кои го познаваат неговиот сензибилитет и интерес, пред сè кон западната уметност.
Иако на прво читање тажни и трогателни, без забави, балони и дување свеќички, расказите од антологијата сепак нè потсетуваат дека овој датум во годината е значаен и посебен ден, без разлика дали тоа ќе го знае целата јавност или единствено ќе го пишува на нашата лична карта. Мураками ја заокружува антологијата со „Славеничка“, негов расказ специјално напишан за оваа збирка, дефинитивно еден од најдобрите во книгата.

Сподели на Facebook