Жената на патникот на времето

PDFПечатиЕ-пошта

( 1 Глас )

Романот „Жената на патникот на времето“ е првиот роман на американската писателка и уметничка Одри Нифенегер која работи како професорка во Центарот за книги и уметност со хартија на колеџот Колумбија.
„Жената на временскиот патник“ („The Time Traveler's Wife“), во издание на Просветно дело, е љубовна приказна за лик кој страда од ретко, генетско нарушување кое предизвикува патување низ времето и неговата жена, која храбро се соочува со неговите чести исчезнувања и опасни искуства додека тој патува низ времето. Приказната на Клер и Хенри е несекојдневна, драматична, експлозивна и страсна, а сепак нејзиното јадро е љубовта, копнежот, чекањето и желбата, покрај сè, да се води нормален живот.
Ликовите сами ја раскажуваат приказната и читателот сфаќа дека се соочува со оригинални ликови чии соништа и разочарувања лесно го внесуваат во еден магичен свет каде патувањето низ времето претставува алатка за да се долови поинаква перспектива на ликот.
Клер е дефинирана преку чекањето, уште од првата страница дознаваме дека таа го чека Хенри, кој пак е дефиниран со непредвидливи пристигнувања и заминувања.
На почетокот дознаваме дека Клер знае сè за него, додека Хенри нема поим која е таа. Од овде јасно сфаќаме дека тој патувал од иднината во нејзиното минато, а во сегашноста ова е за него првата средба.
„Ужасно ми е кога не сум таму кај што е таа, кога не сум тогаш кога е таа. А сепак, секогаш заминувам, а таа не може со мене“.
За прв пат Хенри се соочува со патување низ времето кога во ужасна сообраќајна несреќа на Божиќ загинува неговата мајка, трагичен настан на кој тој присуствува како дете и на кој се навраќа како возрасен.
„Сакам за миг Времето да ме крене од овој ден и да ме исфрли во некој побезопасен. Ама чувствувам грижа на совеста за тоа што сакам да ја избегнам тагата, а не треба да ги забораваме мртвите, дури и ако тоа нè разјадува“.
Исчезнувањата на Хенри се спонтани и опишани како епилептични напади, на почетокот неговите искуства се непредвидливи и забавни додека на крајот стануваат потресни и трагични.
Ликовите се обидуваат да водат нормален живот,  но тие не можат да го контролираат текот на настаните. Единствено можат да му се препуштат на моментот во сегашноста и да уживаат во љубовта и пријателството што го негуваат еден кон друг.
„Има игралиште на крајот од блокот, одам на нишалките и се качувам, а Хенри седнува свртен кон мене, па се нишаме сè повисоко и повисоко, одминувајќи сè толку брзо што ми се чини дека ќе се судриме, а се смееме, се смееме и ништо не може да биде тажно, ништо не може да се изгуби или да умре или да биде далеку, сега сме и овде сме, и ништо не може да го извалка ова совршенство, или да ја украде радоста на овој совршен момент“.
Љубовната врска прераснува во брак и доаѓа до моментот кога Клер и Хенри посакуваат да имаат дете. Тоа ќе влијае на нивниот однос, бидејќи е претставена можноста и фетусот да патува низ времето што резултира со чести спонтани абортуси и неможност да се формира семејство. Хенри е загрижен за здравјето на Клер, додека таа сака дел од него што ќе ѝ ја надополни празнината што ја чувствува кога тој не е покрај неа.
Ликовите во романот растат додека го делат доброто и лошото, но никако не можат да ги сменат минатото и иднината. Хенри не може да ги спречи смртта на мајка му, самоубиството на неговата поранешна девојка Ингрид ниту пак смртоносната болест на мајката на Клер.
Хенри постојано патува низ времето и може да се види како неговиот 30-годишен лик се сретнува со детската верзија на Хенри учејќи го да краде, обива и се брани од насилство.
Романот содржи научно-фантастични, романтични и трагични елементи, истовремено воодушевува со својата динамика и возвишена љубовна приказна, но и со идејата за тоа како е претставена можноста за патување низ времето.Ова е книга што навистина вреди да се има во сечиј дом.
„Жената на временскиот патник“ има освоено две награди, како и истоимена филмска екранизација во 2009 година со Рејчел МекАдамс и Ерик Бана во главните улоги.


Сподели на Facebook