Спутник љубов

PDFПечатиЕ-пошта

( 1 Глас )

"Спутник љубов" е приказна за еден љубовен триаголник, во која еден од најважните аспекти е поигрувањето со клишетизираноста на ситуација во која се наоѓаат централните ликови на романот.
Сумире е млада, бунтовнички настроена девојка, која е самоволна и непредвидлива. Во неа се вљубува младиот наратор кој, за разлика од неа, сепак, на некој прифатлив начин е вклопен во општеството. Тие, иако се различни, на специфичен начин хармонично функционираат додека се заедно. Недостига само еден детал - Сумире не е заинтересирана за тоа К. да биде нејзин љубовник. Од друга страна, таа се вљубува во постара, добро ситуирана деловна жена, која е воздржана во заемните односи и за која е јасно дека во себе крие некоја тајна. Ефектот што се добива од таа ситуација се состои од спојувањето на крајностите.
Поставен на тој начин, романот всушност може да се чита како истражување на клишето - љубовен триаголник.
Тоа што нараторот е вљубен во девојката што го сака, но не како љубовник, овозможува создавање дистанца што произведува перцепција преку која објектот на љубов постојано се трансформира. Бидејќи Сумире е недофатлива, таа постојано се измолкнува на допирот, на погледот и конечноста што К. може да ја оствари со неа. Постоејќи како "недостижен објект", Сумире не може да се "десакрализира" како љубовница. Таа е мистерија што не може да се открие до крај, форма на љубов што се одржува преку нејзината способност за исчезнување. Затоа и нејзиното исчезнување во последниот дел од романот, од аспект на логика на приказната, има врвна мотивација во текстот.
Сумире мора да исчезне за да ја удвои приказната за љубовта што функционира преку отсуството. Нејзиното исчезнување се поклопува со метафоричната приказна за сцената од живот на Миу (објектот, пак, на нејзината љубов), во која исчезнува една Миу и продолжува да живее друга Миу.
Ако го читаме во овој код, "Спутник љубов" всушност се занимава со формата на љубов што се дефинира преку недофатливото и отсутното, моќта на љубовта кога таа станува "не-поседување", туку копнеж по отсутното.
Привлечноста на вака поставената приказна е во тоа што таа филозофска концепција се остварува преку проза што инсистира на тоа дека приказната мора да се раскаже со еден вид "филмска" блискост.
Затоа што Мураками, кога ја научил лекцијата од американските писатели, кои се мајстори за доловување на "стварноста" (Рејмон Карвер е еден од неговите омилени писатели), пишува роман што е особено ефектен токму поради способноста успешно да ја одржи рамнотежата меѓу едноставноста на приказната и длабочината што таа едноставност може да ја отвори.


Сподели на Facebook