( 0 Гласа )
Старата госпоѓа Мод постепено го губи помнењето, со тоа и контролата над секојдневниот живот. Сепак, не прифаќа да ја заборави својата најдобра другарка Елизабет, убедена дека исчезнала и дека е во страшна опасност. Но никој не сака да ја слуша Мод – ниту нејзината огорчена ќерка Хелен, ниту негувателките, ниту полицијата, а особено не Питер, користољубивиот син на Елизабет. Наоружана со белешките што си ги испишува самата на себе – нејзината хартиена меморија – како и со несовладливото претчувство дека на Елизабет ѝ е потребна нејзината помош, Мод се обидува да ја разоткрие вистината и да ја спаси саканата пријателка. Оваа опсесија станува темел на уништената сегашност на Мод.
Но, патоказите што ги открива како да ја водат сѐ подлабоко во минатото, кон едно друго неразјаснето исчезнување: исчезнувањето на нејзината сестра Суки, набргу по завршувањето на Втората светска војна. Додека како порој ѝ се враќаат живите сеќавања на трагедијата од пред повеќе од половина век, Мод пронаоѓа нови потстреци во потрагата по својата пријателка. Можеби мистеријата околу исчезнувањето на Суки крие патоказ што води до Елизабет?