Кафе и книги со наши локални писатели
Последно освежено на Четврток, 11 Ноември 2021 11:11 Објавено од м-р Гордана Ѓорѓиевска - Неделковски Среда, 10 Ноември 2021 08:20
Кога есента ќе не изненади со своето топло време, ние тоа ќе го искористиме за дружба, кафе и прекрасен разговор со еден млад писател. Овој пат НУУБ „Св. Климент Охридски“- Битола беше на кафе со Влатко Стојковски. Тој е професор по македонски јазик во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во село Жван-Демир Хисар, но воедно и млад писател кој ни го промовира своето прво дело „Записите на учителот“.
Разговорот го започнавме со прашањето која му се јавила љубовта кон пишаниот збор, а тој за своите почетоци ни раскажа една прекрасна приказна:„ Почнав да пишувам уште многу мал, може да се рече од самото описменување. Голем поттик имав и од наставникот по македонски јазик додека бев основно училиште. Дел од моите творби се објавуваа на различни конкурси во училиштето. За жал, кога дојдов во средно, сето тоа се смени. Некако ми се јави одбивност кон пишувањето, за години покасно повторно да почнам да пишувам.“ Неговата љубов кон пишувањето станува се поголема паралелно со неговото работење како наставник.
Досега неговото пишување повеќе беше насочено кон кратко раскази, поезија и есеи за потребата на својата работа како наставник. Но, негово прво дело кое секако на посебен начин го истакнува неговиот стил на пишување е делото „ Записите на учителот“. Оваа збирка е составена од кратки раскази посветени на случки и личности кои оставија белег во минатото, но истовремено влијаат и на иднината со својата поучна приказна. Животните лекции се најдоброто нешто што може да ни ја смени насоката по која се движиме во иднина, да не ни дозволи да ги повториме истите или барем да научиме нешто од нив.
Влатко е наставник кој вложува многу во пишаниот збор. Иако е на самите почетоци, мотивот кој го движи му ги отвора вратите. Покрај наставник тој работи и како онлајн соработник за онлајн продажба на книги од „Македоника литера“. Во својата биографија му се запишуваат и преводите на неколку книги за тинејџери од англиски на македонски јазик:„ Братучед ми доаѓа“, „Вкусот на сонцето“ и „Лисицата трговец“.
Во моментов тој работи на дигитализација на својата книга „Записите на учителот“, за ова тој ни кажа:„ Веќе сум во преговори за снимање на расказите од оваа книга во дигитална форма, се со цел да биде подостапна за сите категории на читатели“.
Пријатното есенско сонце и шумолот на лисјата кои паѓаа во нашиот прекрасен парк, направија овој разговор да течи во посебна хармонија, но за крај ние овој разговор го завршивме со најава за наредна соработка и со моќна порака до нашите читатели: „ Поминувајте време со книга затоа што таа е добра можност да се оттргнете од сивилото на секојдневието и да ги исполните духовните батерии. Шетајте во природа, поминувајте време со ближните и секогаш најдете можност да помогнете некому“.