Настани

Посета на учениците од 4 одделение од ООУ“ Стив Наумов“- Битола

PDFПечатиЕ-пошта

( 0 Гласа )

„Да им читаме на глас“
По повод Месецот на книгата - Месец Октомври, во НУУБ „Св. Климент Охридски“- Битола на ден 26.10.2021 година се одржаа 2 читања на кои присуствуваа учениците од две четврти одделенија од ОУ„ Стив Наумов “- Битола со нивните наставнички Наташа Костовска IV a и Гордана Трифуновска IV б одделение. Работилниците ги водеше библиотекарот Јасминка Кочевска.
Во почетокот се разговараше за значењето на пишаниот збор, за нивната заинтересираност кон пишаниот збор и дали некој од нив веќе е член во нашата библиотека, кои книги и јунаци им се омилени. Овој пат учениците имаа можност да го слушнат расказот „Необичен ѕидар“ од македонскиот писател Ванчо Николевски, од неговото дело Раскази.
Во текот на читањето со учениците разговаравме на многу прашања поврзани со содржината на текстот, но и со случки од нивниот живот поврзани со содржината на расказот.
За крај извлековме заедничка поука дека Занаетот е златна белегзија која се изучува полека со време, а не со итрина како што беше случајот со настанот во самиот расказ.

Повеќе од овој настан на следниот линк: NUUB Facebook

 

Кафе и книги со наши локални писатели

PDFПечатиЕ-пошта

( 0 Гласа )

НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола овој пат на кафе беше со Весна Трајковска. Весна е професорка по македонски јазик и литература во СОУ „Таки Даскало“- Битола, прекрасна  жена која што е пример дека никогаш не е доцна да се преточат мислите во пишани зборови.

Таа ни раскажа една многу интересна приказна од својот живот. Весна е ќерка на познатиот писател Цане Здравковски, кој што зад себе остави премногу дела, но од друга страна и голема празнина во животите на своите деца. Весна ни раскажа: „Татко ми целото свое слободно време го поминуваше творејќи.

Ретко го гледавме, бидејќи постојано беше затворен во својот кабинет каде што секогаш работеше на некое ново дело. Во неговите последни мигови  ми остави аманет дека морам да почнам да пишувам.“
Животот секогаш знае да нѐ изненади со своите пресврти. Секој миг може да донесе нешто што ќе ни го смени животниот правец во сосема друга насока.  Весна ни кажа : „Една вечер бев повлечена од некоја универзумска сила, со мисла дека морам  да ги запишам сознанијата до кои што доаѓав долги години претходно. Седнав и почнав да пишувам. Тоа беше на 11.11. 2017 година. Овој датум ќе ми го промени животот”.
Овие запишани мисли го создадоа нејзиниот прв роман „Души близнаци 11: 11 “, промовиран точно после една година на 11.11. 2018 година. Овој роман стана бестселер во Македонија и е продаден во илјадници примероци. Секоја случајност не е случајна.
После овој пресврт веќе нема застанување. Весна Трајковска оваа година на 14 .2.2021, на денот на љубовта и виното, го промовира романот „12Д“(12 димензии на свесност) .Тоа е роман продолжение на претходниот, но овој пат е опишана близначката љубов низ универзумот на различни планети и во различни димензии на свесност.
За овие два романи, Весна ги добива наградите „Роман на годината” за книгата „Души близнаци 11 :11 “ и „Роман на деценијата“ за  романот „12 Д“ од фондацијата „Такец“. Романите се преведени и на српски и на англиски јазик и веќе се продаваат низ балканските земји, со што Весна го афирмира македонското творештво и надвор од нашите граници.
Кога ја замоливме да им испрати порака на нашите верни читатели, Весна низ насмевка ни рече:„ Да читаат. Без читање сите сме празни во душата. Понекогаш е доволно само една прочитана мисла да го промени на подобро животот на читателот“.
Не се сомневаме дека многу наши верни читатели веќе ги имаат прочитано нејзините романи, но  на оние коишто сѐ уште ги немаат, топло им ги препорачуваме.

   

ПОСЕТА НА ЗАМЕНИК АМБАСАДОРОТ НА КРАЛСТВОТО ШПАНИЈА ВО Р.С. МАКЕДОНИЈА

PDFПечатиЕ-пошта

( 0 Гласа )

Заменик амбасадорот на Кралството Шпанија, Ернесто Ередеро дел Кампо (Ernesto Heredero del Campo) на ден 22.10.2021 година ја посети НУУБ „Св. Климент Охридски“- Битола.
За време на посетата директорот м-р Бојан Стефановски и м-р Јелена Петровска - програмски раководител, го запознаа гостинот со тековните и развојните планови на библиотеката.
На состанокот се разговараше за можностите за соработка на полето на културата и библиотечната дејност, како и за доближување на културите на двата народа преку меѓусебни размени на содржини од областа на културното наследство.
Беа посочени конструктивни идеи и мислења во врска со организирање на активности поврзани со запознавање на шпанскиот јазик, литература и уметност, како и можноста за изучување на шпанскиот јазик во библиотеката.
Во текот на состанокот беа предложени активности за размена на библиотекари, предавачи од областа на библиотекарство и искуства поврзани со автоматизација на библиотечните процеси и дигитализација. Се зборуваше и за активности кои можат да се организираат во областа на остварување на милениумските цели предвидени со Агендата 2030 на УНЕСКО, за многу различни теми кои ќе бидат од интерес за пошироката популација.
Гостите имаа прилика да ги разгледаат одделите на библиотеката каде што беа информирани за најновите тековни инфраструктурни и програмски проекти.

22.10.2021
Програмски раководител
М-р Јелена Петровска

Повеќе фотографии од овој настан, на следниот линк: NUUB Facebook

   

Страница 20 од 314

Сподели на Facebook