„Добро утро Јаков“

Печати

( 0 Гласа )

Во светот за кој говори романот „Добро утро Јаков“, по дефиниција, нема место за невините. Не само затоа што политиката е домен во кој не може да има невини, ами и зашто, и теоретски, но и практично, во неа царуваат двојствата: двојни принципи и стандарди, дволични постапки и карактери, двосмислени потези и искажувања, безбројни двоумења, подвојувања..
Во „Добро утро Јаков“, играта на двојствата, започната во „Портрет од Дрезден“, станува посложена. Не само на формален план, преку повторување на конкретни дејства или ситуации, ами и според неговата ономастичко-семантичка структура. Личните имиња делумно исчезнале, небаре се непотребни белези, за да им го отстапат местото на означувањата или, условно кажано, на прекарите, кои може да ни дадат многу повеќе информации за ликовите. Така, првиот лик, со чие мртво тело „почнува претставата“, е спомнат со два апелатива: Професорот и Претседателот (на државата). И кај вториот лик во државната хиерархија, Премиерот, кој е во исто време и бизнисмен, нема битни лични обележја, ами двојно именување, со неговите две паралелни функции. Сличен урнек е применет и кај ликот на Бизнисменот од дијаспората кој ќе го заземе местото на умрениот Претседател; само што овој пат, наведувајќи ги и неговото име и презиме, авторката создава паралелно, удвоено двојство. Истото се случува и со безимениот Заменик министер за внатрешни работи, загадочен лик, кој е и клучен носител на заплетот; следејќи го текот на дејството, тој во еден миг ќе исчезне од сцената, за подоцна да се појави со изменет личен опис и со сменет идентитет; од тој момент, тој нема повеќе да биде именуван според функцијата, туку исклучиво со новото (украдено) име и презиме. Уште еден од мрачните ликови, сопственикот на приватната Агенција за обезбедување „СЕНКА“, само неколку пати е спомнат со име и презиме, а многу почесто со прекарот, истоветен со името на неговата фирма, со што и формално тој се „опредметува“ (реифицира), станувајќи нејзин „отчовечен“ (дехуманизиран) двојник.
Во „Добро утро Јаков“, елементите на трилерот се своевиден композит кој содржи, колку политички, толку и психолошки, „крими“, наместа дури и хорор обележја. Политиката, всушност, е плодната почва во која виреат злодела од секаков вид: измами, уцени и заговори, меѓусебни пресметки и убиства, проституција, насилства и силувања, шверц на дрога и на бели робје, и сето тоа заради изобилството валкани пари со кои се купуваат моќта и власта.
Светот на Јаков прилега на проколнат митски простор каде што со луѓето – сенки управуваат бездушни општествени мутанти, додека самиот Јаков, отпрвин налик на наивен и несмасен антихерој, постепено ќе се преобрази во пожртвуван спасител на тој свет. Следејќи го заветот на својот покоен татко, во обидот да дојде до вистината и да ја заштити правдата, тој на крајот ќе си го потврди името што, со сета случајна или намерна (вековна) симболика, му го дала неговата авторка.