Предавање на Австрискиот Амбасадор на правниот факултет - Битола

Печати

( 6 Гласа )

Во рамките на прославата по повод отворањето на Австриската библиотека Австрискиот Амбасадор д-р Томас Михаел Бајер (Dr. Thomas Michael Baier) одржа на покана на Ректорот на Универзитетот Св. Климент Охридски Битола, проф. д-р Златко Жоглев, предавање на тема  „МЕЃУНАРОДНО КАЗНЕНО ПРАВО“ пред студентите , асистентите и професорите на Правниот факултет. Деканот на факултетот, проф. д-р Илија Тодоровски ги поздрави предавачот и публиката. Излагањето на Амбасадорот Бајер ја осветли историјата на меѓународното казнено право на нирнбершките и токиските процеси сѐ до согласувањето за прифаќањето на  престапите на агресија во Римскиот статут на меѓународниот казнен судски двор  и воопшто улогата на меѓународните трибунали при натамошниот развој на хуманото народно право. Истакнато беше исто така и значењето на случувањата во 90-те години на Балканот кое доведе до создавање на посебен  трибунал за поранешна Југославија преку Советот за безбедност на Обединетите нации. Оваа манифестација организирана од раководителката на Австриската библиотека  д-р Валентина Илиева заедно со доц. д-р Горан Илиќ резултираше со жива дискусија.